До неговото доаѓање важевме за многу успешна фирма.
На работа доаѓаа кој кога сакаше. Работевме само кога немавме попаметна работа. Често останувавме во своите простории и после завршетокот на работното време, затоа што беше добро да се испразнат шишињата во кои секогаш имаше повеќе, отколку што можевме да испиеме.
Атмосферата беше само каква можеше да се посака.
Ни се чинеше дека никој ништо не нѝ може, затоа што бевме толку силна Управа, што многумина кои нешто се обидоа, од кај нас си одеа прилично разочарани.
Ама, кога го поставија него, веднаш нѐ собра и нѝ кажа како во Управата нема ништо да се менува во начинот на работа.
Помисливме дека е еден од нашите и го прифативме прилично рамноправно.
– Гледам, -додаде тој, – дека вие сте една здрава средина.
– Ма, каква здрава! – се јави една колешка, која баш овие денови се подготвуваше да оди на боледување, оти го искористи целиот годишен одмор. – Еве, на пример, земете ме мене. Јас воопшто не се чувствувам добро!
– Во однос на тебе, јас сум со едната нога во гроб! – си ја дозволи себе таа слобода следниот припадник на нашата Управа, на кој баш тие денови не му се одеше на работа, бидејќи температурата на воздухот беше под десет позитивни степени.
А тогаш еден по еден ги изнесовме своите медицински проблеми, наведувајќи го нашиот претпоставен да заклучи:
– Богами, па ова и не е баш така здрава средина, како што изгледа на прв поглед. Ама, не грижете се. Имам јас пријател, управник на болницата кој ќе нѝ организира систематски преглед и кој, освен набројаните, ќе ни најде и уште многу други аргументи, па секој поединец од нашата Управа ќе има можности уште повеќе да му се посвети на својата психофизичка состојба.
Веќе после неколку недели систематските прегледи беа завршени.
Баш тие денови на еден повисок референт ќе му дојдеа пријатели на гости и тој го најави своето отсуство поради срцеви тегоби.
Ама, нашиот претпоставен го викна кај себе во собата и му рече:
– Не може!
– Како? – се зачуди повисокиот референт.
– Ќе ве доведам јас во ред. – почна да се заканува претпоставениот.
И баш кога повисокиот референт сакаше да го допре во срце, при што секогаш се служеше со еден „парабелум” калибар 7,65, претпоставениот извади фасцикла на која со крупни букви беше напишано: РЕЗУЛТАТИ ОД СИСТЕМАТСКИОТ ПРЕГЛЕД, ПОВИСОК РЕФЕРЕНТ.
– Гледаш, тука те имам! – рече претпоставениот. – Систематскиот преглед утврди дека си серопозитивен, значи сидиста. Сида. Ако само зуцнеш, ќе го разгласам тоа низ Управата, кој си.
Повисокиот референт го одложи оружјето и во знак на предавање ги крена рацете во вис.
Набрзо еден по еден бевме повикувани кај претпоставениот. Влегувавме здрави, а излегувавме скршени и тоа како импотентни, нероткињи, шизофреничари, хронични алкохоличари, хомосексуалци и слични ризични групи и поединци.
За кратко во фирмата дојдоа Јапонци, кои напросто беа воодушевени од работата на сите служби.
Шефот на нивната делегација се интересираше за тајната на вака добро организираната работа, а нашиот претпоставен му кажа:
– Нема тајна, треба само да се прави редовно систематски преглед на вработените. Ако не сте задоволни со нивната работа одведете ги на лекар. Право да ви кажам, ич не ми се допаѓа бојата на членовите на вашата делегација. Жолти ми се некако во лицата…
Не знам што направи оној Јапонец. Од работа немам време да мислам на тоа.