Пакет

Наставничкиот совет беше едногласен: повеќе не може да се издржи! Платата доцнеше пет месеци, топлиот оброк четири, аконтацијата три… повеќе не можеше да се издржи. Инсистиравме директорот веднаш да превземе нешто.

„Што можам јас тука”? – се правдаше директорот. „Пари едноставно нема. Единствено што можам е да се обратам на Црвениот крст”.

На негово изненадување, сите ја поддржавме таа идеја.

Од Црвениот крст директорот се врати само со еден пакет. За најзагрозените.

Во пакетот имаше килограм брашно, килограм шеќер, килограм грав, литар масло и сапун. Ништо повеќе.

„Јас мислам дека пакетот за најзагрозените да и го доделиме на чистачката Мица”. – предложи директорот.

„До кога со тие комунистички фазони!” – се побуни професорот по филозофија. „Секогаш најзагрозена е сиромашната работничка класа! А јас! А јас, со моите две деца и невработената жена?! ЈАС тука сум најзагрозен, а плус и факултетски образуван!”

„И јас сум факултетски образувана” – се придружи професорката по српски. „А освен тоа имам три деца! ЈАС сум тука најзагрозена!”

„Нема да биде така” – го зголеми гласот професорот по физичко. „Вие, госпоѓо живеете во своја куќа, не плаќате кирија. А јас! Мене целата плата ми оди на кирија! ЈАС сум тука најзагрозен!”

„Види го ти него!” – се замеша професорката по биологија. „Тој единствено плаќа кирија! И јас плаќам кирија, ама немам шпалир со малини како некои. Јас живеам само од плата и плаќам кирија, така да тука ЈАС сум најзагрозена!”

„А мажот!” – се најде погодена професорката по англиски. „Госпоѓата заборави дека е мажена за приватник кој плаќа сé. Што да правиме ние немажените, без хонорари и маж кој плаќа кирија?!”

„Кој ти е виновен?” – не можеше да се контролира професорката по хемија. „Од нас толку со деца, кои сме најзагрозени, треба да ни се јавуваат некои зачмаени!”

„Не е таа зачмаена!” – возбудено реагираше неоженетиот професор по физика. „Само што не ја најде личноста на својот живот. Ние кои живееме сами сме далеку најзагрозени!”

Вревата беше неподнослива.

„Потивко малку, колеги” – се обиде да ги смири страстите директорот. „Најдобро е да направиме комисија, па таа нека одлучи кој е најзагрозен во нашето училиште!”

И формиравме комисија која после долго состанчење донесе заклучок дека сите сме најзагрозени.

Па го поделивме пакетот.

AdBlocker Message

Our website is made possible by displaying online advertisements to our visitors. Please consider supporting us by disabling your ad blocker.