Учествуваше во секој пожесток разговор. Речиси дискусија за развој на нашата земја. Партал ги правеше сите. Мивки ги направи. Од претседателот, премиерот, министрите… па сé до претседателот на Куќниот совет. Нормално, за последниот едвам му се отвораше уста.
Ги чувствуваше погледите на останатите. Знаеше дека го сметаат за генијалец, мислител, филозоф, реалиста, револуционер. Сé на куп. Ги чувствуваше погледите на жените како го галат со очите. Низ вените му струеше крвта на неговиот покоен дедо. Дамарите му се креваат, се наежи како бодликаво свињче, чувствуваше сила на пастув пред парење. Мислата му леташе како облак на намуртеното небо. Чиста и јасна како капка вода во планинско изворче.
Не можеше да заспие. Ја чувствуваше потребата да ја запознае јавноста со неговите ставови, контра на актуелните лигуши кои не ни можеше да ги смисли, а камоли да ги почитува и да се гордее што ни ја водат земјата. Вчера некој ги спомна Бошко Смаќовски, Живко Павлов, Иван Карадак, Софе Штерјоски… Биле стожер на најновата сатирична мисла, корективи на власта, врвни балкански сатиричари! Сешто!
Неговата мисла, сеуште неискажана, неслушната, ќе ги разбуди народните маси, ќе им ја поткрене свеста и моралот за борба во подобро утре. Тоа подобро утре го внесе во сонот. Заспа, решен утре да ја напише најтешката, најпровокативната, најангажираната и најагресивна сатира. Има пепел да ги направи… А и Директорот на весникот му е другар, има на насловна страна да го стават текстот. На чело.
Зеде лист. Бел. Да ти е жал да го пополнуваш. Молив… Мастиљав, од кутивката со дребулии на неговиот татко. Долго време некористен. Скоро мувла да фатил! Седна наспроти белината. И почна…
Лајнари, ѓубриња, сталинисти, сандинисти, подлизурковци, тендерџии, муфљузи, педеришта, хомосексуалви, педофили, тезгаџии, вреваџии… и што ли не нафрли на листот. А тој сиромав, листот! Од бел, помина во сив, а потоа во мастилав. Лом ги направи сите структури во власта. Везеше по листот. Ред по ред и дојде до крајот. Ги запрче ракавите, се погледна во огледалото. За момент како да го виде Нушиќ пред себе! Море каков Нушиќ, го виде Јован Стерија… Јазикот му беше мастиљав од влажнење на плајвазот. Го исплази. Долг, имаше навистина долг јазик. Едвам сместен меѓу шупливите заби.
Се наведна над листот. Му остана само потписот да го стави. Нема белким анонимно да прати. Пред да потпише, треба да се препрочита напишаното. Напишаното во еден здив. Иако остана без здив.
Почна. И?! Претседателот го направи од лајно подолу. Почна да му се кочи левата рака. Премиерот го има спомнато стотина пати и тоа во најцрна верзија. Се виде себеси во квадратура. Нешто како прозорец со арматура! Онаа најквалитетна, кована, пиле да не излета. Капки пот, како зрно лут бибер, почнаа да му се појавуваат на челото. Тешко паѓаа, оти челото му се збрчка како кожата на кучето мастиф. Раката почна да му се тресе, плајвазот почна да бега од хартијата. Министрите ги нанижа како отстрелани гулаби на ловечка закачалка. Себеси се виде како мета во која пукаат директорот и раководителите. Како глинен гулаб. Капките почнаа да капат врз хартијата. Една по една, во строј.
Почна потопот. Систем оранжерија-капка по капка. Мастиљавата хартија почна да се лигави. Исто како и нашиот писател на сатира. Набргу од пишаното остана само валканица од солена пот и мастиљава боја.
Единственото чисто место беше местото каде што требаше да стои потписот на авторот. Остана бело како што остана бел и новокомпонираниот сатиричар од наше потекло. Полесно му беше да напише цел ферман, отколку да го стави своето име и презиме.