Лажго

Беше тоа некогаш одамна, во ерата на короната, кога на најзаостанатиот крај од Недојдија владееше самопрогласениот цар Корона. Беше тоа лош човек. Осветољубив и лажго. Во тоа му немаше рамен. Умееше да лаже како никој пред и после него. Остана впишан како Лажготворец. Еден ден, после наезда на јато црни гаврани, во оваа заостаната царевина од далечниот свет, никој не знае како, дојде една опака болест. Заразна. Луѓето по ред се разболуваа и умираа. Но, тврдоглавиот цар не сакаше тоа да го признае. Бидејќи се прашуваше за сѐ, сметаше дека само тој може да ја донесе и однесе секоја болест. Кој и да ја кажеше вистината, по кратка постапка ќе беше скратен за глава. Ни денес не се знае дали повеќе луѓе умреа од вистината или од опасната зараза.

За да ги зацврсти своите лаги, царот, на предлог на полтроните, состави чудна група. Во неа беа: лекари, врачови, маѓепсници, пророци, веш- тери, надрилекари,… Тие преку гласници по царштината ја пренесуваа веста дека нема ниту заразени ниту умрени. Дека епидемијата со своите натприродни моќи ја победи царот лично.

Секој ден се состануваше екипата на сити и напиени. Кога гласниците ќе донесеа вест дека ширум земјата тој ден умреа на стотина несреќници, по селата и околината, оваа група ќе се фрлеше на работа.

– Денес имаме – соопштуваше Лажгото – 300 мртви. Колку ќе му соопштиме на светот?

– Па… така…околу… пеесет… ли- цитираше Мудоња.

– Не, никако! – цивкаше Будалко.

– Не може повеќе од четириесет. Не сакам да го нервирам најголемиот и најпаметен цар.

– Добро, нека биде… триесет –предложи Прдешко.

– Ако јас се прашувам – се вмеша Цицојка – нема повеќе од дваесет мртовци.

– И тоа е премногу! Скокна од клупата Зевзек. – Петнаесет и ниеден повеќе.

– Гледав во грав, минатогодишен, и видов број десет – се јави видовитата Красојка.

На тие зборови како попарен срипа Смрдешко:

– Вие ништо не знаете! Може само пет.

На сцената настапува предводникот Лудојко, пророк, со долга и бела коса, Со десната рака ја гали негуваната брада, а со левата зема стап и им се заканува на сите околу себе:

– Заборавите што ви нареди големиот цар?

–  Што тоа? –  зевајќи запраша Глупчо.

– Дека во царството никој не умре од зараза. Дали ви е јасно?

– Јасно! – во еден глас одговори екипата.

– И не заборавајте дека царската не се порекнува – вреска Темнојко, додека Месојко ги повикува на ручек:

– Денес на менито имаме дива свиња во сос од еребица и печење од бивол. Тука е рујното вино и медовината.

А надвор, пред зидините на дворецот, болните и гладни чекаа да им фрлат коски.

AdBlocker Message

Our website is made possible by displaying online advertisements to our visitors. Please consider supporting us by disabling your ad blocker.