Куќа

Уште од својата најрана младост помпезно зачекори во светот на литературата. Секоја негова творба се очекуваше како најсакана премиера. Беше скромен, едноставен и талентиран. Во секој збор го внесуваше целото свое срце и душа. Не се памети кога, како тогаш, критичари и читачка публика имале толку изеначен критериум. Беше роден поет. Длабок, речиси буквално, живееше со судбината на твоите творби. Но, што вреди кога:За својата песна „Леб„ заработи колку за леб. Од својата песна „Ветер„ заработи – кивавица! Од својата трета песна „Сонце„ доби-сончаница. Од својата четврта песна „Несоница„  го изгуби сонот. По својата четврта песна „Врба„ беше натажен и повеќе од тоа. Од неговата шеста песна „Дождови„ му прокисна собичето на мансардата. И така натака, и така натака…Беше несреќен, самотен, незадоволен…Наспроти тоа сите го чукаа по рамо, но беше толку физички слаб што не можеше да го издржи ниту тоа. Затоа од хонорарот на следната негова песна „Вино„ добро се натреска и дефинитивно реши да сврти нов лист во животот. Стана ладнокрвен, пресметлив и практичен. И така: Со хонорарот од песната „Место„ купи плац за куќа. Со хонорари од романот „Мајстори„ ги пазари мајсторите. Со хонорарот за песната „Камен„, ги ископа темелите и го спушти каменот темелник. Со драмата „Вода„ спроведе водовод и канализација. Со новелата „Ѕидови„ ги издига ѕидиштата. Со поемата „Покрив„ ја покри куќата.Со расказот „Вар и песок„ ги измалтериса ѕидиштата и тоа од двете страни. Пред малку беше пропуштено да се каже дека со поемата „Тополи„ ја купи дрвенаријата и дека со расказот „Светлост„ воведе електрична струја. Понатаму, со романот „Потреби„ ги наполни просториите со сите направи и уреди за удобна човечка живеачка.

И куќата беше готова. Но.  Штом го стапна првиот чекор во неа, брзо потоа умре – поетот во него!

AdBlocker Message

Our website is made possible by displaying online advertisements to our visitors. Please consider supporting us by disabling your ad blocker.