Криза

Криза?! Тоа кај нас не поминува – останува овде. А и за мене, велат дека сум преамбициозен – само затоа што имам желба да ја надживеам кризата!

Кризата не е претседател на некој локален партиски огранок, директор на јавно претпријатие, инкасатор, инспектор, полицаец… па целиот народ да и се плаши! Народот треба да се плаши од баба-роги, сеништа, духови, од нова влада… А не да се плаши од кризата!! Тамам работа! Кај нас шегата одамна ја нема, затоа што ја однесе ѓаволот. Затоа состојбата ни е повеќе од сериозна.

Кризата е родена во знакот на Стрелец, ама, кај нас – промаши! Во земјата влезе од сите четири страни на светот, но бидејќи сме народ кој живее во облаци, на земјата никој не ја дочека! Влезе сама – без да праша! Требаше барем владина делегација да ја дочека, како што доликува на асолни домаќини. А бидејќи политичарите ни живеат во облаците, овоземските проблеми не допираат до нас. Крајно и јасно – за нас никогаш нема проблеми!

Владата најави и пишани мерки за да ја заузда кризата. Насекаде е запишано дека народот треба прв да даде свој допринос во запирање на кризата: да оди со кратки гаќи и со кратки ракави, заради штедење на материјал; да оди гологлав како би можеле полесно да ни земаат мерка оние што ни ја кројат капата; да се намали фрлањето храна, со што ќе се избегнат тепачките околу контејнерите; да ги мие забите пред секоја задушница во чест на покојникот, кој прв даде допринос во начинот на разрешување на кризата; ноктите да ги сече еднаш годишно и тоа на Денот на Орелот; да ги слави само славите на кои покојникот е жив… и уште илјадници мали препораки – како народот да ја спасува државата од светската економска криза.

Бидејќи препораките се напишани на кирилица, почнав да ги проучувам. И види ѓаволот! Па мојот народ сите овие препораки ги исполни уште пред кризата да влезе кај нас! Овој народ како да е потомок на Нострадамус! Значи народот сé предвиде, па и препораките на Владата. Прекрасен народ.

А државните институции?! Какве мерки тие превземаат и какви препораки спроведуваат?

Станувам и одам пред резиденцијата на претседателот, па кај становите на премиерот, па кај министерот за економија, министерот за правда, градоначалникот на општината… Одам од врата до врата, како партиски агитатор за време на избори. Тропав и со раце и со нозе. Бадијала! Секаде вратите затворени. Никој не отвора. Сезам попрво би ја отворил вратата, отколку овие своите скривалишта.

По грешка чукнав и во градската библиотека. Наеднаш се отвори вратата. Се појави портирот и учтиво ме праша зошто чукам како будала?! Не знаев да му објаснам зошто чукам како будала, ама му објаснив дека ми треба „тоа и тоа”. Треба да ги прашам избраните: Што прават околу кризата? Какви мерки превземаат за да го спасат овој народ. Сите не изедоа… Тоа сакав да прашам.

Чичево ме погледна попреку и ме праша: Од каде влезе кризата? Номално, му реков дека влезе од сите четири страни на светот. – Будало, ми скреска, па ние сме народ кој живее во облаци. Не сме единствени на светот, а особено на Балканот. Кај нас, сé што се случува може да се случи само одозгора и од никаде на друго место. А не – од четирите страни? Глупчо интернационален. И уште кон мене се однесе како да сум војно лице – ме измаршира.

Си отидов со наведната глава, ама и изненаден! И тоа: Пријатно изненаѓе, како што вели експертот по економија, господинот Пантиќ! Како може вака интелигентен човек да биде портир?! Тој, во најмала рака, би требало да биде министер или Претседател на Академијата на науките и уметностите. За една минута ми ја објасни целата будалаштина околу кризата!

Навистина: Сé што го мачи овој народ, доаѓа одозгора.

Решив: На следните избори ќе гласам за портирите. Така е најпаметно, верувајте. Ако победи некој портир, барем ќе имаме кој да ни ја отвори вратата кон Европа.

AdBlocker Message

Our website is made possible by displaying online advertisements to our visitors. Please consider supporting us by disabling your ad blocker.