Гласот на народот

На работниот состанок кој започна во 10 часот претпладне, во претседателската резиденција, советникот за медиумите имаше нешто важно да соопшти:

–  Ги добив резултатите од најновото, многу обемно истражување на расположението на јавноста.

–  И, што има ново?! – беше нестрплив претседателот.

–  Попрво може да се каже дека ова е анкета за нерасположението на јавноста.

–  Впечатоците остави ги за себе – се штрецна претседателот – мене ме интересираат конкретни податоци.

–  Значи, граѓаните ни порачуваат дека е време да си ги исполниме предизборните ветувања.

–  Кои ветувања, кога дадовме многу? – се вмеша во разговорот и советникот за култура.

–  Луѓето бараат некои акции. Вистина да ви кажам, не се ни сеќавам за што се работи – зборуваше советникот за медиумите и гледаше во хартиите пред себе.

– Ако навистина сакаат акција – го имаше решението претседателот – тогаш на националната телевизија емитувајте ги најубавите акции! Нека се покажуваат најубавите акции на Меси од Барцелона, Роналдо од Реал и Руни од Манчестер Јунајтед!

–  Луѓето бараат и борба против криминалот – продолжи медиумскиот советник.

–  За да не го бараат тоа, на телевизија нека се прикажуваат криминалистички филмови и серии во кои доброто го победува злото, правдата криминалот, а законот корупцијата! Шерлок Холмс, Поаро и Елиот Нес – тоа се нашите фаворити!

–  А што ќе правиме со барањето за поголеми плати?

–  Сé морам јас да решавам – воздивна шефот на државата и на момент се замисли – наредете им на камерите да ги снимаат сегашните плати, па нека ги зголемат со оптички зум и така ќе бидат зголемени неколку пати!

–  Шефе, вие сте генијалец! Дозволете ми да ви се воодушевувам!-беше воодушевен советникот за внатрешна политика.

–  Што има уште? – генијалниот шеф го забрзуваше советникот кој реферираше за резултатите од истражувањето.

–  Незгодно ми е да ви го кажам ова… – почна да се туфка – Луѓето бараат да си одите.

– Секако дека ќе си одам. Наскоро одам. Подгответе сé што е потребно за мојата пријателска и повеќедневна посета на карипските-банана држави со кои градиме искрени партнерски односи на база на полна рамноправност.

AdBlocker Message

Our website is made possible by displaying online advertisements to our visitors. Please consider supporting us by disabling your ad blocker.