Тој ден се разбудив многу порано отколку вообичаено. Веќе бев буден околу единаесет и триесет. Пред одморот, до доцните вечерни часови, бдеев над неволјите и маките на „моето племе кое спие како мртов сон“.
Првото што почувствував потреба да го направам кога ги отворив очите беше длабоко да се загрижам за судбината на својот напатен народ. Се помолив на Господ на мојот несреќен народ, кој талка меѓу реалното и можното, да му подари просперитет и заштита од злите западни и нечесни сили.
За да се оттргнам од оловните мисли, се дадов на гимнастика на тренажерот што го купив од Америка. Потоа истрчав два круга по петстотини метри. Не излегов меѓу обичните и прости луѓе кои се сопнуваат под товарот на духовната окупација и колонијалистичките стеги, туку тоа го направив во мојот стан, чија квадратура ми го дозволува тоа. Среќа е и што станот е на две нивоа, па можев да трчам по угорницата, што е добро за здравје, кое е нарушено од маките со кои се соочува мојот мал, но херојски народ.
Додека се туширав во шведската кабина, помислив на млазовите крв кои ги пролеваа најдобрите синови на оваа земја, за да го одбранат чесниот крст и да ја зачуваат златната слобода.
Потоа исцедив посебен вид шпански портокал и сварив англиски зелен чај. Пиев, но не ми беше до ништо, бидејќи ме растргна внатрешниот немир што ни белосветски ѓубриња ни ја кинат земјата. Додека јадев француски кроасани со белгиско чоколадно млеко, залчињата ми застануваа во грлото кое се стегаше поради неправедниот Запад кој сака да не раздроби.
Поради силните душевни страдања морав да прилегнам и да се смирам. Во тоа ми помогна антидепресив произведен во германски „Баер“.
Веќе беше четиринаесет часови откога се разбудив. Ми беше ладно заради помислата како му е на мојот народ кој на студ ги чува своите светињи.
Се завиткав во бадемантилот што јго купив во Финска, па седнав на компјутерот на „Епл“, како политичар, интелектуалец и совеста на мојот маченички народ, да ја составам најстрогата можна изјава за јавноста за предавниците кои сакаат да не вовлече во една гнасна и курвинска Европа од која никогаш добро не ни дојде.
Тогаш шефот на кабинетот ме извести дека некои странски политичари и амбасадори ме повикуваат на разговор. Сите ќе ги одбијам со индигнација додека не ја сменат својата накарадна политика во Вашингтон, Брисел, Париз, Лондон и Берлин. Инсистирав шефот на кабинетот да им го пренесе токму она што ултимативно го барам од нив.
После ручекот, легнав и сонував како ги победуваме сите непријатели, а јас го предво- дам народот во тој триумф.
Тоа толку ме исцрпи што се разбудив гладен како два волка.
За време на вечерата си помислив и липав:
– Додека сме ние кои секојдневно се жртвуваме, трпиме маки и цврсто и непоколебливо ги браниме националните и државните интереси, има надеж за мојот гладен и изнемоштен народ!