Прво само шкртнав со забите во неговиот правец. Онака мангупски, како што како клинци учевме на село. Се покажа дека и тој не е мачкина кашлица, затоа што веднаш ми врати со иста мерка. Во ред, помислив, сега другарче ќе видиш со кого си се фатил!
Во првата згодна прилика со плунка го погодив право во чело. Во салата одекна громогласен аплауз на моите навивачи. Тоа малку го поремети, ама брзо се прибра. Веќе во наредниот момент почувствував како неговата плунка ми се слива низ лицето. Сега бев сигурен дека против себе имам искусен противник. Скришно ја испразнив левата ноздрва и го погодив во десното око! Не го очекуваше тоа, се разбира, па едвам се снајде. Го искористив тоа па ја испразнив и десната ноздрва и веќе во следниот момент го потрефив во левиот образ. Мојата публика врескаше од задоволство! Неколку минути уживав во предноста која ја стекнав.
За жал, не за долго, осетив како лепливата маса ми се слева низ увото. Приврзаниците на мојот противник скокнаа на нозе и со врискање го поздравија успехот на својот миленик. Многу се изнервирав, на ушите сум многу горд, па во следната минута му влепив шлајмарка покрај носот! Ѓубре предавничко, не ни трепна, мирно се избриша, а потоа ми упати таква плунка што ми се заврте во главата. Не треба ни да сомнувам дека неговата публика уживаше.
Иако себе се сметав за искусен борец, сега веќе бев вон себе од бес. Вдишав длабоко, го собрав од градите со години таложениот тутунски катран и белградскиот смог и таман се подготвував да му го упатам најлошиот шлајм кој нашата политичка сцена икогаш го виде, кога водителот ми подаде рака.
ТВ дуелот беше завршен.