Државен експерт

Тргнав со државниот секретар на одмор. Чест ми е да одам со него. Порано без него, ниту одев, ниту чест имав. Правец, се знае-Охрид. Престолнина на словенската писменост. Мораме таму, наредба на шефот на партијата. Не го ставија државен секретар бадијала. Мора да слуша, бидејќи во училиштата слушањето не му одеше. Партијата го исшколува. Му заврши факултет, а плус имаше и средно. Комплетно подготвен од партијата за сите премрежија во животот! Ова и нему му беше прво излегување од дома. Јас возев, а тој ги читаше патоказите. Бавно ни одеше. (Бавно одеше читањето, а не колата). Таблите на патот беа напишани на латиница! Додека да ја прочита содржината на таблата, таблата ни побегна. Завршетокот на информацијата ја читаше преку задното стакло. Вратот како не го здоболе?! “Проклета латиница, кој ја измисли!!”- мрмореше во себе.

Му подадов географска карта. Картата на Македонија. Со радост ја зеде, иако по директива мислеше дека и онака ја имаат Македонија в҆ рака! Почна да чита каде сме. Тој покажува, а јас возам. Лево-лево, десно-десно. Каде ќе каже, таму вртам. Морам да го слушам. Тазе сум во партијата. Уште сум лепач на плакати. Прв лижач.

Тој чита, јас возам. Пределот непознат. Се подготвувам за искачување на планина. Ми зборуваа за успонот на Стража. А тоа?! Рамница! Тепсија македонска – празно ама рамно. До Косово, т.е до Западна Македонија. Браво на партијата. И планините ги срамнија! Возам и молчам. Затоа пак тој зборува. Наредува. “Врти ваму, врти онаму, држи десно, строго десно, никако лево”…Хитлер во мало! Во партијата го учеа како да командува. Според паталците, очекував кривини на патот. Ама… Ги нема!? И нив ги исправија изгледа! По директива. Блазе на оваа држава.

Возам и молчам. Државниов се пени како да е сувозач на релито Дакар-Париз. Ја пикнав главата во воланот. Возам и молчам. Кога пред нас: граничен премин! Табановце!! Од каде Табановце?!! Си се чудам на сопствената простотија. Државата да не си ја познавам!

Со страв гледам десно од мене. ( Гледањето во лево ни го забранија во партијата, поради идеолошки причини). А десно од мене државниот секретар. Блед како крпа. Мивка. В҆ рака ја стиска  картата на Македонија. Гледа во картата, како да гледа во гравчиња. Се потпикнав накај него, да видам. И ?! Што да видам! Државниов цело време картата ја држи наопаку. Плус – картата латиница!

Вози Мишко и спремај се за лепење нови плакати.

AdBlocker Message

Our website is made possible by displaying online advertisements to our visitors. Please consider supporting us by disabling your ad blocker.