Видо Јоков, Цетињанин со лоша нарав, му се раздени како на ниеден Црногорец. Добро се приближи кон педесеттата, а целиот век ништо не учеше, ниту работеше, ниту се ожени. Само се преместуваше од ладовина во ладовина (а кога ќе најде лад, сонце го грееше) па од креветот на отоманот, од пивница во кафеана. А тоа, даде Господ, никогаш не му недостасуваше. Велат „Гранд” му е друга куќа, а „Локанда” како домовина.
За неучењето Видо се правдаше: „Попаметна е обична отколку образувана будала”. За женачката имаше изговор: „Kако да ја земам онаа која сака да ме земе мене”! А често ја пееше: „Нема поубава работа од неработење”.
За Видо се зборуваше: „Првин плукнува во раце, па потоа сите четири во вис”. А тој се држеше како пијан за плот: „Седењето е веднаш по лежењето”. Иако и на лежењето му наоѓаше мана. Се жалеше: „Нема поголема мака кога те боли грбот од лежење”. Сеедно, сакаше наутро да стане порано, за порано да легне на каучот. Ако не се најде кауч, добар е и отоманот. Колку да ги исправи плешките. За Видо се шепотеше и она што не е за приказна, како за својот век уште на жена се нема качено, со оправдување: „Како не, тоа да не ми недостасува”.
Видо беше единец помеѓу седум сестри, кои правеа сѐ за да му удоволат на братот. Го чуваа и негуваа. Го нудеа со кадаиф и млеко од пиле. Уште да го повиваа. А Видо само ужива. Ништо не му е помило на светот, отколку да му угодуваат. Тогаш е добар и предобар.
Кога некој некогаш ќе го сретне Јоко и го прашува: „Работи ли нешто Видо”? – одговара: „Не, богами, ништо. Е, нема кога од лежење”.
Е, а еден ден, како бомба одекна веста низ Цетиње дека Видо Јаков се вработил. Прв на честитање дојде четирикратниот кум Ѓорѓија, со здравица и праша:
– Бога ти, куме Јоко, вистина ли е она што го слушнав?
– Навистина, куме Ѓорѓи, навистина. Однапред ти кажувам: вистинска вистина.
– Се вработи Видо?
– Да. Се вработи… Видо.
– А каде, може ли да се знае?
– Како да не може. Во фармата за кокошки и пилиња.
– А што работи таму, свети да ти е Петар? Ако не е тајна.
– Жими Свети Јован, не е тајна. А што работи?! А што друго: лежи на јајца.