На работниот состанок кој започна во 10 часот претпладне, во претседателската резиденција, советникот за медиумите имаше нешто важно да соопшти:
– Ги добив резултатите од најновото, многу обемно истражување на расположението на јавноста.
– И, што има ново?! – беше нестрплив претседателот.
– Попрво може да се каже дека ова е анкета за нерасположението на јавноста.
– Впечатоците остави ги за себе – се штрецна претседателот – мене ме интересираат конкретни податоци.
– Значи, граѓаните ни порачуваат дека е време да си ги исполниме предизборните ветувања.
– Кои ветувања, кога дадовме многу? – се вмеша во разговорот и советникот за култура.
– Луѓето бараат некои акции. Вистина да ви кажам, не се ни сеќавам за што се работи – зборуваше советникот за медиумите и гледаше во хартиите пред себе.
– Ако навистина сакаат акција – го имаше решението претседателот – тогаш на националната телевизија емитувајте ги најубавите акции! Нека се покажуваат најубавите акции на Меси од Барцелона, Роналдо од Реал и Руни од Манчестер Јунајтед!
– Луѓето бараат и борба против криминалот – продолжи медиумскиот советник.
– За да не го бараат тоа, на телевизија нека се прикажуваат криминалистички филмови и серии во кои доброто го победува злото, правдата криминалот, а законот корупцијата! Шерлок Холмс, Поаро и Елиот Нес – тоа се нашите фаворити!
– А што ќе правиме со барањето за поголеми плати?
– Сé морам јас да решавам – воздивна шефот на државата и на момент се замисли – наредете им на камерите да ги снимаат сегашните плати, па нека ги зголемат со оптички зум и така ќе бидат зголемени неколку пати!
– Шефе, вие сте генијалец! Дозволете ми да ви се воодушевувам!-беше воодушевен советникот за внатрешна политика.
– Што има уште? – генијалниот шеф го забрзуваше советникот кој реферираше за резултатите од истражувањето.
– Незгодно ми е да ви го кажам ова… – почна да се туфка – Луѓето бараат да си одите.
– Секако дека ќе си одам. Наскоро одам. Подгответе сé што е потребно за мојата пријателска и повеќедневна посета на карипските-банана држави со кои градиме искрени партнерски односи на база на полна рамноправност.