Гардероби

Имав повод, па решив да си купам нови панталони. Влегов во првиот бутик. Во градот го бие убав глас. Ме пречека убава, а и љубезна продавачка. Заеднички избравме еден класичен модел, прикладен на возраста и поводот. Од полнолетство мојот конфекциски број е 52, но ред е да се пробаат.

Откако продавачката, некаде од средината на бутикот, ја вклучи ламбата, ми ја покажа гардеробата со ,,врата“ од платно. Влегов во неа и се обидов да ја затворам ,,вратата“. Го растегнав платното на левата страна, но на десната остана процеп од дваесетина сантиметри. Низ него го гледав половината од ентериерот на бутикот, а веројатно од бутикот се гледаше половина од мојот екстериер. Но што е – тука е! Го оставив платното така, со ризик некоја дама да ми ја бендиса бојата на ѕиврите. Боксерки одамна не носам.

Кога се пробаат панталони, најпрво треба да се собујат чевлите. Само што го собув едниот, забележав дека нема каде да ја спуштам ногата. Подот беше чист, колку што се чисти скалите на приземјето во мојата зграда. Со благ баритон ја повикав продавачката и таа пуштајќи ја раката низ процепот во мојата територија, на слепо ми подаде лист од некој дневен весник. Немав среќа да биде од неделно списание. Ја спуштив ногата врз пресната печатарска боја и набрзина ги соблеков фармерките барајќи со погледот закачалка. Таква немаше. Немаше и нешто слично, па повторно ги повикав на помош мојот благ баритон и љубезната продавачка. Кога на слепо ја подадов раката низ процепот на ,,вратата“ од платно, за да и ги подадам фармерките на чување или поточно на држење низ бутикот се разлетаа метални денари. Со присебност на пилот успеав да останам во гардеробата. Веројатно збунетата продавачка мораше да ме почека заедно да ги бараме парите. Молскавично ги облеков новите панталони. Ја издржаа пробата. Уште побрзо ги облеков фармерките.

Јас, продавачката и присутните купувачи, се развивме во стрелци. Потрагата ја прекинавме по пронајдени 105 денари. На касата, додека ги плаќав новите панталони, со продавачката се извинувавме еден на друг. Таа заборави да ми пожела новите панталони да ги носам со здравје, а јас од тој ден не заборавам, парите да ги носам во паричник.

AdBlocker Message

Our website is made possible by displaying online advertisements to our visitors. Please consider supporting us by disabling your ad blocker.