Кога на сите, а особено мене, ми се чинеше дека ќе завршам во најтешка беда, направив последен очајнички чекор.
Сите пари што ги имав, ги дадов за многу мал оглас во новините.
– Ако сега не успеам, – ги известив роднините и пријателите, кога се собравме на неделниот ручок околу еден контејнер во подобриот крај, ми останува последниот очајнички чекор. Ќе се качам на некоја висока зграда и ќе побарам излез низ некој прозорец.
Во малите огласи, на местото предвидено за рубриката „подучување„, бевме неколкумина. Професорот по математика сметаше на теод сите факултети. Некој подучуваше светски јазици: англиски, германски, француски, руски и словенечки. Еден гарантираше на квалитет од нацртна геометрија.
Јас огласив дека давам часови од навикнување на сиромаштија, беда и јад.
Веќе утредента, услужниот телефон кој го назначив во огласот, почна непрекинато да ѕвони. Се јавуваа луѓе од разни, особено од јужните краеви на земјата. Ги интересираше за сѐ од моите подучувања. Кога почнувам? Колку наплатувам од час? Може ли во девизи? На кредит? Во злато и покуќнина? Прашуваа дали доаѓам по куќи? Зборувам ли македонски?
Стрпливо давав одговори на разни прашања, ама заедничко за сите беше што сакаа да знаат дали имам адекватна литература.
– Како да не! – им одговарав на сите. – Основен учебник за подучување од предметот „Навикнување на сиромаштија, беда и јад” е Антиинфлационата програма.
Но, како еден учебник е премалку за совладување на оваа материја, предвидов уште низ стручни дела. Така, имам на увид многубројни материјали во кои се зборува за заштита на стандардот, потоа безброј заклучоци за подобрување на положбата на народот, како и низа ставови, за помош на најзагрозените слоеви.
За посетителите на кој им оди потешко, набавив многу говори и написи кои содржат ветувања дека набрзо ќе излеземе од кризата.
За оние кои сето ова не можат да го сфатат, планирав дополнителни часови на кои би зборувале светски стручњаци од Етиопија, Ангола, Гвинеја Бисао и други. Тие би ги пренесувале своите сознанија и искуства од оваа област, во која масовно се умира од глад, што гарантира дека на најнеталентираните нешто ќе им влезе во главата.
Исто така, набавив градиво прилагодено на најмалата возраст. Тоа се извештаи на ММФ, од кои се гледа дека младината во длабоката старост ќе бидат во обврска да отплатуваат долгови кои ги направија во нивно име, уште додека тие не беа ни родени.
Секако, предвидов и задолжителна пракса. Тоа би биле стручни патувања пешки, со помош на питачки стап и ортомче, на кое моите посетители би се сретнале со луѓе на кои сиромаштијата, бедата и јадот не им претставува никаков проблем, бидејќи за друго и не знаат.
Се разбира, сите се воодушевија да им предавам за сиромаштија, беда и јад, затоа што ваква врста на образование има иднина кај нас. Ако се покаже потребно ќе ја закупам салата во Домот на синдикатите, не само заради масовниот интерес, туку и многубројното членство да го приближам на оваа организација презрени на светот.
Единствено се плашам званичното образование да не ми ја украде оваа идеја и предметот „Привикнување на сиромаштија, беда и јад” и да го воведат во редовна настава.
Не би било во ред да ми го украде подмладокот, а да ми се препушти основното образование на возрасните и вечерните училишта.