Дискредитација

Потесното раководство на партијата со часови си ги кршеше главите околу еден единствен проблем: постои човек на значајна функција кој им е трн во окото. Зошто?

-Сите нашу барања ги одби и, што е најцинично, сé образложи – рече налутено еден од најстарите членови на партијата.

-И не само тоа – се надоврза другиот-туку и отворено се фали дека, додека е на тоа место, ќе одлучува ниту по баба ниту по стриковци. Како да е тој некаков Крали Марко.

-Ништо, да го исфрлиме од партијата – беше решителен претседателот.

-Не можеме – одврати секретарот – не е член на нашата партија.

-Па, чиј е?-се нервираше претседателот.

-Не е член на ниту една партија – му објаснија.

-Па, каков е тоа човек, Господ да му го…- мрмореше потпредседателот.

-А дали се обидовте да бидете малку поубедливи, да му понудите нешто поопипливо? – се интересираше шефот на партијата.

-Како да не – се јави благајникот – му дадовме понуда која нормален човек не би ја одбил.

-А каков му е приватниот живот, има ли тука простор за…знаете веќе, за некаков притисок? – беше упорен шефот на партијата.

-Тешко – се јави еден млад оперативец. – Тој човек е непоткуплив. Нема љубовница, има стабилен брак, децата му се во ред, учат училиште, не се наркомани, не се коцка, не пие…

-Луѓе, тоа негово место ни е многу важно, како да го скршиме? – прашуваше шефот.

Сите ги наведнаа главите и молчеа. Во еден момент се мислеше дека ситуацијата е нерешлива. А тогаш се јави еден партиски ветеран:

-Господа, јас имам решение – извика.

Сите го погледнаа и со неверување вртеа со главите.

-Какво решение? – се заинтересира шефот.

-Имам план како морално да го дескредитираме,  да стане крпа од човек и сите да го презираат.

-Како,како? – викнаа сите заинтересирано.

-Предлагам радикално решение. Да го зачлениме во нашата партија.

AdBlocker Message

Our website is made possible by displaying online advertisements to our visitors. Please consider supporting us by disabling your ad blocker.