– И, што велите, кој е виновен за тешката материјална положба во која се наоѓате, поради вашата сегашна невработеност?
– Премиерот, премиерот е виновен – викаше разбушавената штрајкувачка во микрофонот што потплатениот новинар провокативно и го имаше тутнато под носот. – Тој ни ветуваше дека ќе ни помогне колку што може, откако пропадна разграбениот комбинат, а сега го нема никаде. Како не му е срам да се крие? Те ваков бил, те онаков бил премиерот и така натаму и така натаму.
Зборуваше, навредуваше штрајкувачката, тупотејќи со нозете. Пена и фати устата не помислувајќи ни за миг, ниту за кого зборува, ниту на кого му зборува, ниту пак што ќе постигне со тоа, на големо задоволство на саркастичното новинарче.
Но, гледај чудо. Да ми ти била штрајкувачката застаната на слаба подлога, мислам на некоја шахта на коловозот, полна, да простите, со лајна, а капакот на дупката да ми ти бил слаб. И?! Крццццц…се скрши капакот и женава за миг се најде, да простите, во лајна.
Е, така ти е тоа, мој читателу кога се „јадат лајна“! Или помодерно, кога се јаде бурек, не стој на слаба подлога. Ако веќе јадеш… барем застани на нешто поцврсто.