Местото на злосторството беше оградено со ленти „Полиција“. Кола со сина ламба трепкаше алармантно, а полицајците во униформа го отсекоа реонот.
Телото на застреланиот лежеше, завиткано во формата на прашалник. Откако полицаецот го обележа со креда, на асфалтот се појави уште еден прашалник.
– Сега ќе паднат изјавите! – рече истражителот, дојде запален и ја поправи јаката на кожното палто. – Кажувај!
Наредникот, иако млад, дејствувал професионално и веќе собрал некои факти:
– Имаме несреќа – убиство. Криминалецот е застрелан со три куршуми…
Искусниот криминалист извади бележник. Тој беше кадар од старата школа, школата на Шерлок Холмс, Еркјул Поаро и Мегре. Затоа сакаше да запише сè во бележник. А не како помладите колеги, кои се појавуваа на местото на злосторството со електронски уреди и лаптопи.
– Запишувам… Три…
– За време на прегледот биле пронајдени шест чаури! – испука полицаецот, брзо како автомат.
– Стоп! – го запре ученикот на Холмс и Мегре. – Не брзај… Дали добро ги изброивте?
– Токму така! – доби одговор, според правилникот. – Шест се…
Бројот шест влезе во бележникот за истрага, истакнат со две прави линии.
– Се пукало без пригушувач.
– Остави го пригушувачот, наредниче! Кој е калибарот на оружјето?
– Девет милиметри…
Деветката беше запишана на долниот ред и повторно беше нагласена со две линии. Едната права, другата – брановидна.
Наредникот продолжи како одличен ученик, со научена лекција:
– Според балистичкиот експерт, било пукано во далечина од петнаесет метри…
Искусното око на истражителот го процени растојанието и дури тогаш петнаесетката падна во бележникот. Заградена со кругче.
– Според форензичарот, смртта настапила во 22 часот…
Двете двојки најдоа место во истражувачкиот бележник, заградени во квадратче.
– Запишав! – рече искусниот криминалист. – Но, потребни се повеќе податоци…
Наредникот беше спремен многу добро:
– Криминалецот има триесет и три нерешени предмети…
Истражителот ги запиша двете тројки и после нив стави голем извичник. После погледна во страницата од бележникот и сумираше:
– Три, шест, девет, петнаесет, дваесет и два, триесет и три… Има магија…
– Така е! – возврати младиот машински наредник, како што научил во полициското училиште.
Искусниот криминалист за момент се замисли. После прошепоти:
– Овој пат нема да ми избега!… Ќе го фатам!
Тој замавна да го скине листот од бележникот и му го подаде на наредникот.
– Трчај до лотаријата и пушти ги овие бројки!
Младиот полицаец се стаписа.
– Која комбинација… – почна да се чуди. – Чешка?
– Нема чешка, нема полска! – го прекина ученикот на Холмс и Мегре. – Полициската комбинација! Со таа комбинација нема како сега да не го фатиме Џекпотот!
Превод: Теодора Трајкоска