Беше некогаш еден неписмен човек кој силно сакаше да стане писател. И во таа желба напиша книга. За волја на вистината, тој не беше целосно неписмен. Од околу 160.000 српски зборови тој знаеше да напише нешто повеќе од 34, а од 30 букви од азбуката знаеше речиси 16. Можеше дури и да напише целосни реченици, на пример: „Маја го сака Марко“. „Марко не ја сака Маја.“ „Марко не ја сака Маја, но ја сака Зорица“ и уште неколку слични.
Штом ја напиша книгата, неписмениот писател се обиде да најде рецензент.
– Овој ваш ракопис, господине, не е книга – му рекол еден угледен рецензент. – Нема единство на заплетот, нема јасни ликови, нема основни елементи на книжевната форма. Вие само случајно напишавте зборови и реченици кои не се ни во меѓусебна врска. Жал ми е, не можам да го препорачам овој ракопис за печатење…
Друг угледен рецензент беше уште поконкретен.
– Човеку, ова ти е тотално срање! Па, вие сте целосно неписмени!
Неписмениот писател не се предаваше. На следниот рецензент му даде 100 евра.
– Многу интересен постмодернистички и футуристички пристап во дуализмот текст-антитекст. – пишуваше, помеѓу останатото, во препораката на тој рецензент за печатење на неговата книга.
Со позитивна рецензија, неписмениот писател отиде кај мал, но угледен издавач.
– Верувајте, јас сум шокиран! – му рече почитуваниот издавач кога ја прочита книгата. – Не ми беше тешко да избројам… дека во книгата користите вкупно 34 зборови и не повеќе од 16 букви! Не лутете се, ама вие човеку сте неписмен! Зошто некој би испечатил вакво нешто?!
Неписмениот писател не се обесхрабри. Тој ја однесе својата книга до Најголемиот издавач.
– Па, ова е феноменално! – се воодушеви Уредникот на Најголемиот издавач. – Долго време чекавме ваква книга!
И наскоро книгата беше отпечатена во огромен тираж, стана бестселер и доживеа многу изданија.
Неписмените едноставно ја обожаваат.