Ваква приказна никаде ја немате читано, а нема ни во иднина.
За што се работи?
Не се работи за ништо. Во тоа е работата.
Ова е, драги читатели, најнеобична приказна на светот.
А таква е затоа што е многу здодевна. Тука сé е спротивно на основните правила на приказната.
Оваа приказна нема вовед, разработка и заклучок. Нема ниту глава, ниту опаш. Во неа не се случува ништо. Приказната воопшто нема дејствие. Во неа нема настан, нема акција, нема дело, нема движење, нема дури ни идеја и мисла. Некој сосем точно би рекол: Празна приказна.
На оваа приказна нема ни што да се додаде, ни што да се одземе. Не може, затоа што во неа нема ништо! Ова е приказна во празно и приказна во ветер.
Бидејќи приказната нема ниту почеток, ниту крај, може да трае бесконечно.
А сакав да биде поинаку. Да има своја фабула, динамика и структура, да има, како што се вели, месо и коски. Понатака не помага ниту фантазијата на авторот. Едноставно, нема што да се каже.
Затоа што ова е приказна за позитивните резултати на нашата влада!
На оваа приказна, конечно, треба да се стави точка.