Неколку дена пред изборите, ми се пожали тештата:
– Слабо спијам, се превртувам по цела ноќ, де ми е топло, де ми е ладно, ме гуши, мравки ми лазат по нозете, ќебето ми е тешко!
– Што ве мачи?!
– Би продал сигурен глас, но не знам кој дава најмногу. Прифаќам се, пари, намирници, кафе…
Таа вели дека се распрашувала, но освен подобар живот и светла иднина, а можеби и запалка и хемиско пенкало, не може да добие ништо конкретно.
– Не се распраша доволно добро – и велам. – Мојата партија нуди најмногу. Еве, на пример, што барате за вашиот сигурен глас?!
Не се премислуваше долго време.
– Ако месец дена ми купуваш векна леп, литар млеко и шише „пролом вода“, ќе гласам за тебе!
Ги прифатив условите, а тештата побара да потпишеме договор за отстапување сигурен глас.
– Каков договор?! За нас зборот е светост! Ние ги почитуваме нашите гласачи, а предизборните ветувања не ги забораваме!
На денот на гласањето заедно отидовме на гласачко место. Таа гласаше пред мене.
Мојата партија победи убедливо, а ме пофалија што собрав сигурни гласови. Претседателот ме тапка по рамо и лично ми честиташе. Ме послужија и со сендвич и лименка Кока-Кола.
Една недела по изборите ми се јавува тештата.
– Ало, зете, уште никој ништо не ми носи!
– А што да ти се донесе?!
– Како што?! Сети се што ми вети пред изборите!
-Мила моја тешто, тоа беа предизборни ветувања, а нив никој не ги исполнува!
– Срам да ти е, превртлувецу! Ме ме најде да ме лажеш! Ух, најрадо би сакал се жалаела, но не знам на кого! – шишти.
– Предлагам да се жалите до Агенцијата за неспроведување на предизборните ветувања.
– А каде се наоѓа?!
– Па еве. Јас сум директор на Агенцијата…