Мојот кум секогаш беше лутата опозиција. И ме повика пред мојата куќна слава.
– Слушај куме, ние да се договориме нешто… на време. Ако планираш оваа година да дојдам на слава, немој да ти падне на памет да ги повикаш и оние продадени души и полтрони!
Тоа значеше дека кумот не сакаше да биде во славата заедно со некои наши другари кои во меѓувреме се зачленија во владеачката партија.
-Не сакам ни да ги гледам тие лајна! – беше и повеќе од јасен.
– Па добро куме, зошто си толку исклучив. – се обидов да го омекнам. – Сепак, тие ни се наши другари…
– Тие сега се твои пријатели! Мои веќе не се! Јас си го кажав своето! – беше енергичен и го прекина разговорот.
И го изложив проблемот на жената.
– Па, знаеш што… ако е веќе така – гласно размислуваше жената. – Да направиме слава од два дена… Што ќе ни недостига… Првиот ден, овие од владеачката партија… а вториот ден нека биде за опозицијата..
Не што ми е жена, но повремено е генијалец. Така и направивме.
Меѓутоа, на првиот ден од прославата штама како на задушница. Прашувам што е проблемот, што не е во ред, зошто сите замолчеа.
– Па, со кого да разговараме!-гракнаа од сите страни. -Тука немаш ниту еден предавник, или странски платеник, немаш дури ни фашист… Каква е оваа слава кога нема човек ни со кого да се расправа!
Некако помина првиот ден, во мрачна тишина, и дојде вториот ден на славата.
И повторно нешто не им е на гостите по волја.
– Ама да не ви и на вас проблем што немате со кого да се расправте?- прашав веќе малку изнервиран.
– Што фајде ние да се расправаме со будали! – веднаш се најде да реагира кумот. – Тие мене не ми недостигаат! Но, повеќе ми пречи што таа натрапничка банда го изеде целото месо и кртината! А на нас, опозицијата, ни оставија само копита и ребра!
Ги испративме гостите, па и реков на жената дека богами следната година сите ќе бидат заедно.
Кога веќе не можат едни без други…