Колумни: Татјана Алексиќ – Б04

Родителствување

Не секој е предодреден за родител. И родителствувањето е вештина за која освен секс треба да се развијат уште други многу способности, одговорност и безусловна љубов. Единствената безусловна љубов, која може да е еднонасочна и да не бара ништо за возврат, е родителската. Таа е како ореол, не може секој да го има ореолот (безусловната љубов) или да ја препознае. Родителската љубов е цврсто мека. Мека, нежна, попустлива, толерантна, но кога треба и цврста. Безусловно попуштање до разгалување, детето да ви се „качува на глава“, а вие да толерирате, да ве условува со нешто што не можете да го дадете (материјални побарувања) не е безусловна љубов туку патологија. Секако и после неуспешниот процес на воспитување, детето ќе си го прифатите и сакате…

Честопати сакаме да ги оправдаме вербални­те и физичките афекти и под параванот на воспитни мерки се браниме со ставот дека „ќотекот е излезен од рајот“. Да, излезен е од рајот, оти таму не му е место!

Родител не е оној кој раѓа и прави деца, туку оној кој ги очовечува. Кога ќе се свртиме наназад и ќе ги видиме сопствените деца како оформени и реализирани луѓе, може да го видиме сво ето залагање за нив и вложување во нив. Децата ни се единствено битна повратна инвестиција.

Како родител не можеш да родиш или чуваш повеќе деца отколку што можеш да воспиташ и пренесеш знаење на своите ученици, но факт е дека карактерот на човекот се формира од најраната возраст, па ние учителките во средно образование не можеме баш многу да поправаме на тема превоспитување. Правилното воспитување на сопствените деца е најтешката обврска за секој родител, особено што критериумите за „правилно воспитување“ веќе одам­на се изместени.

Родителот треба да го преиспитува и преполага своето убедување за значењето на воспитанието, барем до 18 години! Или во духот на енци­клопедистот и големиот педа­гог Жан – Жак Русо, кој за воспитување­то на децата вели дека е „работа за која мора да знаеме како го трошиме времето за попусто да не го изгубиме“. Некои родители веруваат дека децата треба да се постојано среќни без ограничувања во нивните барања и очекувања. Таквата моментална среќа „денес“ може да ги унесреќи утре, кога ќе пораснат во несигурни, па дури и агресивни луѓе кои не може да се носат со проблемите и фрустрациите, оти ги нема родителите да им ги решаваат.

Некои родители преамбициозно им поставуваат на своите деца високи критериуми за совршенство на сите полиња, оптоварувајќи ги со вонучилишни активности од најрана возраст, заборавајќи дека децата растат и осознаваат кога се играат. Секако не мислам на видео игрите, разните анимации на родителите за покажување пред јавност, скапоцени играчки кои ги ставија во архива старите добри игри како играњето на полјанка, народна, ластик, џамлии, камај-камај, криенка… Може и фота, ама со срамежлив бакнеж во образ. Кога би ја трошеле својата енергија преку физичка игра или спортување, а не седење пред компјутер, децата би биле многу поздрави и поиздржливи.

Ако сакаме психофизички здрави потомци, ако сакаме пупката да процути во убав цвет, тре­ба постојана грижа и бдеење, но не „туторство“ или „дишење во врат“, туку невидлива, „отсутна присутност“ на родителот во животот на своето дете. Барањата и очекувањата треба да се во хармонија со возраста, способностите и предиспозициите, инаку лесно може да ги турнеме во фрустрации или комплекси. Треба да ги научиме на одговорност и работни навики кои честопати не се пријатни и забавни, но и животот не секогаш е пријатен и забавен. Умерените позитивни критики се полезни, исто колку што посто­јано критизерство може да биде деструктивно. Рамнотежата од толку многу воспитни моменти е нашиот мал родителски космос. Ако го постигнеме, ние сме го допреле космосот.

Ако по детството човек се познава, како денот по утрото (не секогаш, има исклучоци) ќе завршам со мудрите мисли на помудрите од нас:

„Лоши родители се оние кои забораваат на гревовите на својата младост“ – Балзак.

„Децата се нашите утрешни судии“ – Горки.

„Ние не ги сакаме децата само затоа што ни се деца, туку заради љубовта која расте со нив“ – Маркес.

„Голем проблем на нашето време е што нашата младина ужива преголема слобода, веќе не е ни во мож­ност да биде непослушна“ – Кокто.

(Авторот е професор во СУГС Раде Јовчевски – Корчагин)

 

AdBlocker Message

Our website is made possible by displaying online advertisements to our visitors. Please consider supporting us by disabling your ad blocker.