Говор на омраза – вербални баханалии
Последниве години најупотребуван поим, флоскула, двонасочен механизам за атак и одбрана, причина и повод за нечие постоење е сè популарниот „говор на омраза“, нешто како „модно парче“ редизајнирано и рециклирано за погана уста. Говорам значи мислам, но мразам за да постојам. Сè почесто егоцентрично се говори со „говор на омраза“ за да се сврти внимание и кон говорителот и кон озборуваниот. Ако озборуваниот возврати исто со говор на омраза, тогаш се вмешува секундант – сведок кој додава „пиштол“ со кој се прави мангуп за време на вербалниот двобој. Кога двобојот се одвива преку електронските медиуми, ортографската војна се шири и „шерува“ со брзина на светлина. Впрочем, ние сме во вербална војна, време на говорни дуели, двобои при кои се пука со рафали од погрдни зборови. Муницијата е неисцрпна. Ништо потренди од „говор на омраза“, градуира и кулминира на општо (не)задоволство. Сакаш популарност – користи навредливи зборови или искористи го моментот да бидеш навреден – „фрли рипче фати крапче“ и ете ти читаност. Колку повулгарен – толку почитан, па и почитуван од ФБ – следбениците кои со апетит ги следат говорниците на омраза, оратори кои одржуваат напнатост со истурање вулгарности. Врв на задоволство е кога омразата бахато се шири по социјалните мрежи во електронски баханалии… Од каде надојде ваква плима на омраза, секна ли љубовта, пресуши ли емпатијата?
Анимозитетот кон различноста, неприфаќање различност, презир кон туѓо мислење, историска затвореност или нејзино разобличување, само (себе) доволност до егоизам, бесчувствителност за туѓи емоции, недоверба и сомнеж кон остатокот од светот, направија од светот затворен круг на патологија. Светот стана хомогенизација на омраза со менталитет на мразење, а хејтот и спинот во електронскиот свет, волшебни стапчиња чија стара формула „абабракадабра“ доби нов слоган: ,,мразам значи постојам“!
Уште полошо е што злобните и зли суштества не се „казнети“ како во приказните, туку уживаат во својата репутација на ширење страв со која контролираат сè околу себе, патем достојни за восхит заради „цврстиот карактер“. Колективната омраза ги неутрализира личните фрустрации, се претопуваат една со друга во бескрај, умешно создавајќи „трајни вредности“.
Во еден таков патоген и дефектен систем, добрината се смета за глупавост, добронамерноста за лицемерие, добриот збор како ласцивност, воспитаност е само глумење заради интерес, воздржаност од навреди како немоќ, неконфликноста како слабост и сè обратно од она за кое некогаш и некаде сме биле воспитувани и сме воспитувале. Омразата бргу се разгорува по сите општествени и социјални горливи прашања, бара „суво дрво“ за да го изгори и здравото.
Недостатокот на граѓанска култура, политичка малолетност (читај малоумност), погрешно сфатена демократија се субјекти препознатливи и за националната омраза. Национализмот кон другиот бара причини да удри по третиот, додека првиот заборава да ја чува својата националност, мразејќи туѓа… Така се затвора кругот на омраза, омраза раѓа омраза која води кон насилие, деструктивност и бестијални судири секаде низ светот. Гордон Алпорт, професор на Харвард, 1954 година ја објавува книгата ,,Природата на предрасудите“ каде дава скала со пет степени на дискриминација. До ден денешен, истражувачите на говорот на омраза се повикуваат на неговите студии и петте скалила како поттикнување на екстремизмот: Исмевање на малцинствата по основ на стереотипи;
Одбегнување контакт и комуникација со малцинските групи; Нееднакви права на малцинските групи; Физички напади и уништување на имотот на малцинствата;
Истребување, ликвидирање на група маргинализирани луѓе.
Кривичниот закон во многу земји утврдува казни, а кривичното дело е отежнато ако е сторено поради омраза кон одредена национална, расна, верска или етичка припадност, како и полова и сексуална ориентација. Но со забрани не се решава ништо, барем не долготрајно, дури се можни идеолошки и политички злоупотреби. Високо развиена свест, емоционална интелигенција и не прифаќање на стереотипи и предрасуди како туѓи сервирани „вистини“ се она што ни треба на сите за нештата да станат појасни. Решавање на екстремизмот е токму во овозможување на слобода на говор наспроти говор на омраза, затоа што потполна слобода имаме тогаш кога сме толерантни кон не истомислениците. Генералниот директориум за демократија на Советот на Европа спроведува кампања против говорот на омраза на интернет, веќе во 13 земји на ЕУ, со цел промоција на позитивните страни на интернетот, говор на љубовта, солидарноста, емпатија и позитивната комуникација… Епа, почитуваниот професор кога ја пишувал својата студија не можел да претпостави дека денешниот Македонец ќе се почувствува како маргинализиран и како малцинство во своја држава и на своја територија, во име на јакнење европски вредности и борба против предрасуди. Едната крајност нè истурка кон друга крајност – Македонецот со својата традиционална гостољубивост настрада од гостите. На домашен терен гостите нè тепаат додека топката е кај судијата Европеец, оној кој суди со „бела крагна“ од клупата на белосветската федерација …
Завршувам во духот на Волтер ,,Не се сложувам со тоа што го зборувате, но секогаш ќе го бранам вашето право да си го кажете своето мислење“. Кажувајте го гласно и јасно за да не биде „касно“, без говор на омраза – доволни се аргументи, пред кои и Боговите молчат.
(Автор е професорот во СУГС Раде Јовчевски – Корчагин)