Ропството на втората технолошка револуција
Појавата и постоењето на технолошките револуции се врзуваат со скоро сè што е добро и позитивно во модерното општество какво што го знаеме во последниве 200-250 години. Тие се смета дека се „виновни“ за модернизацијата на општествата и животот на луѓето, за економскиот бум предизвикан од енормниот раст на продуктивноста и животниот стандард на населението, раст на популацијата, но и за масовното ослободување на човештвото од тешката физичка работа, како и за либерализацијата на општествата, пристојноста на живото и многу други предности. Секако, постојат и оправдани замерки дека токму досегашните технолошки револуции донесоа бројни еколошки проблеми и претставуваа почеток на масовна деградацијата на природната средина и зголемено човечко влијание врз планетата земја, во овој момент видливо преку т.н. климатски промени.
Класификацијата на технолошките револуции во научната мисла не е унифицирана, но сепак е многу приближена. Преовладуваат мислењата дека до сега сме поминати низ три, односно четири технолошки револуции од кои првата и втората (некогаш именувани и како прва и втора индустриска револуција) се несомнени, а разлики постојат во однос на тоа дали постојат трета и четврта како посебни или тие две се дел од една иста – третата технолошка револуција. За да го разјасниме ова недоразбирање, или поточно ова несогласување, ќе дадеме мало објаснување.
Првата индустриска револуција го овозможи растот на мануфактирниот (индустриски) сектор и се смета дека таа започна во В. Британија во некаде по 1760-тите години. Сликовито, таа започна со пронаоѓањето на парната машина од страна на шкотскиот пронаоѓач, машински инженер и хемичар Џејмс Ват (James Watt) кој ја подобри веќе постојната но многу неефикасна парна машина на Томас Њукомен (Thomas Newcomen) од 1712 година со неговата иновирана парна машина во 1776 година и која стана фундаментална за промените донесени од првата индустриската револуција. Таа воведе големи придобивките од ефикасноста во користењето на хидроенергијата и парните мотори што овозможија човечкиот мануелаен труд базиран на користењето на мускулите да се замени со користење на машини со многу поголема ефикасност. Се смета дека механизирано предење на памук во тој период го зголеми производството на памучни ткаенини за фактор од околу 1000. Истовремено и замената на користењето на коксот наместо јагленот овозможи поефикасни и поголеми високи печки што значително ја зголеми економијата на обем во производството на железо и челик. Дополнително, машинските алати за сечење метални делови овозможија да се замени дрвото со метални делови во машините. Парниот погон овозможи голема модернизација во транспортот на големи далечини (железница и бродови на парен погон).
Втората индустриска револуција беше чудесна и таа кулминираше со првите вистински производствени линии во индустријата. Брзиот индустриски развој во светот имаше голема корист од електрификацијата на фабриките и производството во сите други сектори; воведе масовно производство и нови материјали, легури и хемикалии. Новооткиените мотори со внатрешно согорување, исто како и еликтрификацијата направија вистински бум во економските активности и воопшто во животот. Се појавија првите комуникациски технологии (телеграф, телефон и радио) што доведе до многу брз пренос на вести и информации и го навести значењето на информациите и знаењето како економски ресурс.
Нема спор во науката во врска со посебноста и значењето на овие две технолошки револуции. Недоразбирањата почнуваат во врска со толкувањето на идните циклуси на фундаментални откритија што можат да се толкуваат како нови технолошки револуции. Додека за едни третата технолошка револуција се појави за време и по Втората светска војна со пронаоѓањето и масовната употреба на транзисторите. Тоа се полупроводнички уреди што најчесто се користат да засилуваат или да вклучуваат и исклучуваат сигнали. Транзисторот е основната единица од која денес се прават сметачите и сите понови електронски уреди. Најчесто се спојуваат повеќе транзистори во едно интегрално коло. Пред развивањето на транзисторот електронските цевки (т.н. електронски лампи) беа главните елементи во електронската опрема. Транзисторите ја овозможија автоматизација и роботизација на производните процеси што направи дополнителен бум во продуктивноста и квалитетот на производството и почна масовно да ја истиснува работната сила од производството на материјалните добра, а овозможија и широка употреба на разни уреди во секојдневниот живот.
Четвртата технолошка револуција која сега ја живееме е обележана со појавата на дигиталните техологии и чипот и нивната масовна употреба во сите сфери на животот.
Проблемот настанува што има автори кои третата и четвртата револуција ги сметаат за една иста појава и не ги разликуваат. Се разбира дека аргументи постојат на двете страни, но ние ќе прифатиме дека последнава дигитална револуција е посебна, четврта технолошка револуција.
Денешните економски активности се карактеризираат со употребата на достигнувањата на втората, третата и четвртата технолошка револуција, додека првата, во основа, е сосема заборавена и со мали и неважни исклучоци веќе е технолошки неупотреблива. Тоа што денешнава криза (економска, енергетска, воена и друга) во светот го покажува е жилавоста на втората технолошка револуција од пред еден и пол век. Нејзините достигнувања, особено електрицитетот и моторите со внатрешно согорување базирани на фосилни горива, не само што сè уште се важни и широко користени, туку се покажаа и како витални за економијата и животот воопшто. Без нив, се чини, човештвото е на работ на многу сериозни проблеми. Малите проблеми со нивната достапност предизвикуваат големи економски проблеми, инфлација и социјални и политички тензии – луѓето војуваат за нив. Во одредена смисла човештвото сè уште во голема мера робува на пронајдоците на втората технолошка револуција.
(Автор е професорот на Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин” – Свети Николе)