Инфлација, стагфлација или нешто трето?
Сите во светот се многу загрижени. Не без причина. Перспективите за барем малку предвидлива и нормална егзистенција се значително нарушени. Малку се стравува за безбедноста и можноста војната во Украина да излезе од, за сега, регионалните граници; малку за тоа дали ќе го одржиме постојното ниво на животен стандард што сме го имале; малку за загрижувачката зима што доаѓа а нема доволно енергија, а таа што ја има ќе биде многу поскапа од денешната веќе скапа енергија; малку за растечкото ниво на инфлацијата на која изгледа дека не ѝ се гледа крајот; се чини: по малку за сè.
Инфлацијата веќе ја имаме во скоро целиот свет и таа, според класификацијата на економската наука, веќе не е во категоријата на „умерена“ (едноцифрена), туку во категоријата на „галопирачка“, најмногу заради фактот што влезе во зоната на двоцифрена и сè уште е растечка. Дали на неа ќе се надоврзе и економска стагнација или рецесија за да преминеме во фаза на „стагфлација“ или ќе бидеме сведоци на нешто трето, за што немаме соодветен економски израз, не знаеме. Сепак можеме да шпекулираме за тоа што може да се случи.
Ако ги занемариме малкуте економски фактори, фискални, монетарни и структурни, што беа директна причина за сè ова, тогаш секако дека неекономските фактори го имаат најголемиот удел. Најнапред пандемијата во текот на 2020 и делумно во текот на 2021 година, а во оваа 2022 година војната во Украина како главен двигател на проблемите. Многумина дебатираат дали причините за проблемите лежат во самата војна, како таква, или во санкциите што се воведоа по повод војната и веројатно е дека вистината е во двете појави. Како и да е, состојбата се влошува.
Во нашата земја, како и во поголемиот дел од светот, показатели за тоа дека работите не се одвиваат поволно се повеќе. Прво и нешто со што секојдневно се соочуваме е растот на цените и сè поголемите проблеми околу тоа дел од производите напречено да се обезбедуваат за редовно снабдување на пазарот. Енергијата и храната се на врвот од тоа што се гледа, но одредени сектори и гранки се соочуваат и со недостаток на голем број на, за потрошувачите невидливи, интермедијарни производи. Резултат од тоа е што, во Македонија на пример, последните податоци за инфлацијата, мерена преку индексот на трошоците на живот, покажуваат просечна инфлација на годишно ниво во периодот јануари – август 2022 година од 11,6% (инфлацијата на годишно ниво во периодот август 2021 – август 2022 година е 16,8%) и таа и понатаму главно произлегува од надворешните фактори на страната на понудата, особено увозната кај увозните цени на храната и енергијата, вклучително и на домашната цена на електричната и топлинската енергија, коишто се под влијание на случувањата на глобалниот пазар на енергија. Природно, нивниот подолготраен и посилен раст создаде иреносни ефекти и врз цените на останатите производи и услуги. За жал, тоа постојано ги подгрева инфлациските очекувања во економијата. Поединечно гледано, од почетокот на оваа година до крајот на август, значи за само осум месеци, цените на струјата се зголемени за 5 пати, на природниот гас за 2 пати и на нафтата за околу 25 отсто. Оваа динамика се очекува да продолжи и понатаму во догледно време. Цените на храната се зголемени за над 20 отсто од кои некои од основните прехранбени производи и над 50 отсто. Во услови кога платите и другите видови на лични доходи (пензии, социјални трансфери и други) ни приближно не можат да го следат нивото на инфлацијата, проблемите стануваат очигледни и не треба посебно да се објаснуваат.
Друга закана е можното затворање на одредени економски активности што не можат да ја следат динамиката на промените во нивото на нивните трошоци за работењето и нивните приходи од продажбите. Тоа секако ќе предизвика одредена дополнителна невработеност што во услови на постојна официјална невработеност од 14,5 отсто ќе биде дополнителен сериозен проблем, но тоа што треба најмногу да нè загрижува е можната верижна реакција на пазарите и во вкупната економија со индуцирање на секундарна, терцијарна и друга натамошна невработеност како резултат на намалената агрегатна побарувачка. Тоа би бил пат кон сериозна рецесија на веќе истоштеното стопанство за која стандардните и познати мерки на фискалната, монетарната и другите видови на економска политика тешко ќе вродат со плод. Имено, фискалната издржливост веќе е сосема исцрпена а монетарните мерки не можат да дадат брзи резултати, особено во услови на таков вид на стагфлација. Во тој случај можеби ќе треба привремено да се жртвуваат растот и вработеноста (дури и оваа сегашната од само 47,3 отсто во вториот квартал од 2022 година) за да се постигне елементарната макроекономска рамнотежа, а потоа постепено да се враќа нивото на економските активности и вработеноста, под услов да не се случи некој нов неекономски удар врз економијата а предизвикан од неекономски фактор.
На врвот од сите овие проблеми и понатаму отворени ќе останат структурните проблеми со диспаритетите во производството и потрошувачката на енергенсите, особено електричната енергија и природниот гас, а можеби и храната, како и можните идни дисбаланси во нивото на нашата извозна побарувачка, пред сè во земјите од ЕУ.
За ваквите проблеми кај нас и во светот сега не постојат решенија. Единствено можно е постепеното решавање на проблемите, почнувајќи од постигнувањето на мирно решение на војната во Украина, повлекување на санкциите кон Русија, нормализирање на производството на енергија во светот, обновување на каналите на дистрибуција на светската трговија, нормализација на фискалните и монетарни нерамнотежи што постојат во светот и потоа решавање на новите предизвици со структурните економски проблеми на подолг рок.
Дали сè ова изгледа возможно во овој момент? Секако не, а тоа значи дека сепак нѐ чекаат нови кошмарни времиња, со предизвици за кои немаме доволно искуства и знаења, а ниту теоретски модели на нивно решавање. Со еден збор, можеби вратите се подотворени за „добредојде“ во некое ново, помалку познато доба.
(Авторот е професор на Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин” – Свети Николе)