Сатирични дамари
Ако се суди по стандардот на патриотите, вреди секој ден да се умира за татковината.
Има разлика: бугарската комисија одлучува, а нашата само аминува!
Знам зошто историската комисија е мешовита! Меша баби и жаби!
Добра вест: еден ден и во Македонија ќе нема предавници!
Лоша вест: ќе нема кој да се предаде.
Ние за соседите од секогаш сме биле голем залак. Не јадат со векови – парче по парче.
Многу писатели го читаат само она што најмногу го сакаат – себе си!
Немаме алиби: гледавме како не крадат.
Нашиот пекол е оригинален. Тука секој круг е – девети.
Ние сме упорен народ. Додека нѐ држат нозете ќе коленичиме.
Не сум националист. Немам ништо против, што Македонија е прататковина на сите народи.
Велат, никој нема право да ни го менува идентитетот. Значи, ќе продолжиме да живееме кучешки.
Има места на Земјата, кај што Македонците не се делат на патриоти и предавници. Таму кај што има само еден Македонец.
Нормално е што на Балканот нема смртна казна. Тука сите сме осудени на доживотна робија.